Македонија

ГОЛЕМ УСПЕХ: Младата Јана Алексова се врати со стипендија од натпреварот по кинески јазик во Кина

ГОЛЕМ УСПЕХ: Младата Јана Алексова се врати со стипендија од натпреварот по кинески јазик во Кина

Градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, денеска оствари средба со 15-годишната Јана Алексова, ученичка во прва година во СОУ „Ванчо Прке“, која неодамна се врати од Кина по учеството на 19. Меѓународен натпревар по кинески јазик за средношколци „Кинески мост“.

Патот на Јана од Виница до Кина е приказна за талент, упорност и искрена љубов кон кинескиот јазик и култура. Повеќе од пет години таа посветено го изучува јазикот преку онлајн настава, а нејзината истрајност и труд резултираа со бројни признанија и успеси.

За време на средбата, Јана од прва рака ги сподели своите импресии и незаборавни искуства од престојот во Кина. Таа истакна како земјата на специфичен начин ги спојува вековната традиција и модерната технологија, раскажувајќи за посетите на Кинескиот ѕид, Забранетиот град и Универзитетот за традиционална кинеска медицина, како и за искуството со традиционалната кинеска калиграфија.

Покрај културните знаменитости, младата виничанка зборуваше и за современите услови што им стојат на располагање на средношколците таму — од нивната дневна рутина и посветеност во учењето, до современо опремените простории за спорт, дружење и слободно време, со посебен акцент на можностите за високо образование што Кина ги нуди за младите од целиот свет.

Како круна на нејзиниот труд, Јана се врати со добиена стипендија од Министерството за образование на Народна Република Кина, доделена преку Центарот за јазична соработка и размена. Оваа стипендија ѝ овозможува едносеместрален престој во Кина за дополнително усовршување на јазикот и стекнување нови знаења.

Градоначалникот Костадиновски ѝ упати искрени честитки за постигнатиот успех, истакнувајќи дека Јана е вистински пример за младите дека со знаење, посветеност и истрајност можат да се постигнат големи успеси и да се отворат вратите кон светското образование.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни