Голема операција во соседството: Уапсени осум лица кои се претставувале како девојчиња за да намамат деца преку интернет

Осум лица се уапсени во Србија за сексуално искористување на деца преку интернет.

Апсењата беа дел од долготрајната српска полициска операција „Армагедон“, а осуммината се осомничени за сериозни кривични дела поврзани со детска порнографија и експлоатација на малолетници.

Меѓу уапсените е еден државјанин на Руската Федерација и седум српски државјани на возраст од 24 до 64 години.

Во текот на подолг временски период, тие преземале, складирале и споделувале материјали создадени од експлоатација на деца за порнографски цели.

Тројцата осомничени создале лажни профили на социјалните мрежи и апликации, претставувајќи се како 12 и 13-годишни девојчиња за да контактираат со малолетници од кои потоа изнудувале експлицитни фотографии и видеа, објавува Блиц.

За време на претресите на станови и други простории, полицијата пронашла голема количина фото и видео материјал на електронски уреди на кои се прикажува сексуална експлоатација на деца и малолетници, објавува Дневник.хр.

Уапсените лица се донесени во обвинителството со кривични пријави, а целата операција е дел од меѓународните напори за борба против сексуалната експлоатација на деца на интернет.