Ѓоргиевски: Грижата за еднакви можности е нашата должност, а почитувањето на различностите – вредност што нè прави подобро општество

Град Скопје продолжува да гради инклузивна заедница, истакна градоначалникот Орце Ѓоргиевски, обележувајќи го Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.

„Грижата за еднакви можности е наша должност, а почитувањето на различностите е вредност што нè прави подобро општество“, порача Ѓоргиевски.

Во рамки на активностите, денес во Скопската Зоолошка Градина заедно со здруженијата „Видлива поддршка“ и „Трисомија 21“ беа засадени дрвца кои ќе бидат симбол на животот, растот и надежта. Според градоначалникот, секое дрво е моќна порака дека градењето заедница значи да се остави простор за сите и дека различноста не нè дели, туку нè обединува.

„Да подадеме рака таму каде што е најпотребно, да покажеме дека инклузивноста значи отворени врати, еднакви шанси и искрена поддршка во училиштата, на улиците, во институциите и во секој дом. Да видиме, да разбереме и да прифатиме – без предрасуди, без услови“, додаде градоначалникот.

Ѓоргиевски нагласи дека за Град Скопје инклузивноста не е само симболичен гест, туку секојдневна заложба и пат кој се одвива со одговорност и човечност.

„Да продолжиме да градиме град во кој секое срце има место, секој глас се слуша и секое дете добива шанса да го достигне својот сон. Кога негуваме љубов, емпатија и еднаквост – градиме посветла и похумана иднина за сите нас. Да растеме заедно! Со почит, грижа и отворени срца“, порача Ѓоргиевски.