И покрај јасните препораки од УНЕСКО за итно запирање на урбанизацијата во чувствителните подрачја околу Охридското Езеро, како ридот Горица и Студенчишкото Блато, градежните активности не престануваат. Последното предупредување доаѓа од организацијата СОС Охрид, која алармира дека и по реакциите од меѓународните тела, државата не презема никакви мерки.
Во соопштението до медиумите, активистите потсетуваат дека Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, која во март 2024 година престојуваше во Охрид, регистрирала ново градилиште на ридот Горица. Се работи за изградба на хотелски комплекс, без претходно известување на Центарот за светско наследство – што претставува директно прекршување на став 172 од Оперативните насоки на Конвенцијата за светско наследство.
И покрај усвојувањето на Планот за управување со охридското наследство, експертите забележуваат дека градежните зафати не само што не се запираат, туку продолжуваат со зголемен интензитет – дури и во подрачја каде што урбанизацијата е забранета. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на својата седница во јули 2024 година, преку Одлуката 46 COM 7B.44 побара Македонија да ја запре изградбата на Горица Север, Горица 3 и во близина на Студенчишкото Блато, сè додека не се направат стратегиска оцена за влијание врз животната средина и анализа на влијанието врз наследството.
Но, во последниот Извештај за напредокот од 31 јануари 2025 година, кој државата го достави до УНЕСКО, не е споменат ниту еден чекор во однос на Горица. „Државата постапува спротивно на Конвенцијата за светско наследство која ја има ратификувано“, реагираат од СОС Охрид.
Организацијата остро ја критикува ароганцијата на институциите, нарекувајќи ја „влада на на-ти-го-дај-ми-го“ моделот, која како што велат, си дозволува да покаже среден прст на УНЕСКО, ИУЦН, ИКОМОС и сите советодавни тела. „Поважно е да се наполни џебот на Мијалков, Илоски, Усеини… отколку да се зачува 1,5 милиони години старо езеро“, стои во нивното соопштение.
Активистичката „О2 Иницијатива“ уште минатата година укажа дека токму фирмата „Дивелоп Груп“, поврзана со поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, ја започнала изградбата на хотел на ридот кај Горица 3. Земјиштето, кое во минатото било пошумувано со децении, било продадено пред десетина години, а денес е исчистено и подготвено за луксузна градба.
„Кој дозволи да се продаде ова богатство? Врз основа на каков план и со каква проценка? Дали постапката беше транспарентна и законска?“, прашуваат активистите, барајќи итна одговорност од институциите и стопирање на сите активности што го загрозуваат статусот на Охрид како светско природно и културно наследство.