Грчките патишта кај границата со Македонија прилагодени за кафеави мечки

При влез од Македонија преку Битола на грчка страна, веднаш се забележуваат специјални мерки за заштита на кафеавите мечки, кои живеат во овој предел и се строго заштитени со закон. На само еден километар од граничниот премин, започнуваат видливи знаци и светлечки сигнали што предупредуваат за присуство на мечки на патиштата.

Возачите се должни да ја прилагодат брзината според препораките, бидејќи казните за прекршување на правилата се многу високи. По должината на патот, кој се протега на околу 100 километри низ територијата на мечките, се поставени табли со јасни пораки и илустрации од кафеави мечки, кои укажуваат дека оваа област е природно живеалиште на животните, а луѓето само го користат патот што минува низ нивната територија.

Се апелира на возачите да возат внимателно, да избегнуваат нагли движења и, доколку забележат мечка, да запрат и да ѝ овозможат да го помине патот. Овој пристап е пример за хармонија меѓу луѓето и природата, што Грција успешно го спроведува за да ги заштити своите диви животни.