Грчки граѓани масовно патуваат до Македонија и Бугарија за да полнат поевтино гориво, додека опозицијата во Атина бара итни промени во енергетската политика.
„Владата ги принудува граѓаните да патуваат во соседни држави за гориво. Ова е резултат на непромислена енергетска политика“, соопшти Комунистичката партија на Грција (ККЕ).
Грчките медиуми објавуваат прилози од граничните премини со Македонија и Бугарија, каде што стотици возачи чекаат ред за да наполнат по пониска цена. Според сопственици на бензински станици, во цената на секој литар бензин околу 56 проценти се даноци и акцизи.
Возачи изјавиле дека при полнење еден резервоар со безоловен бензин во Бугарија заштедуваат околу 35 евра, а значителни разлики во цените има и во Северна Македонија.
Социјалистите од ПАСОК побараа привремено целосно укинување на даноците на горивата.
Во Грција еден литар безоловен бензин чини околу 2,20 евра, со тренд на поскапување до крајот на неделата, додека дизелот е поскап за приближно пет центи.
Жители на Серес и други погранични области велат дека, покрај гориво, купуваат и бројни прехранбени производи по пониски цени во Бугарија, а вообичаена е и набавката на огревно дрво од соседството.
За оние што живеат во внатрешноста на Грција и на островите, цената е уште повисока и достигнува до околу 2,50 евра за литар бензин, поради што дел од граѓаните ги ограничуваат своите патувања.