Гугл им верува на Јутјуберите повеќе од лекарите? AI Overviews за здравствени совети најчесто цитира видеа наместо медицински портали

Новата опција на Google, „AI Overviews“, која користи вештачка интелигенција за сумирање на одговорите, почесто се повикува на YouTube отколку на која било релевантна медицинска веб-страница кога одговара на прашања за здравствени состојби. Ова го покажа новото германско истражување, кое отвора сериозни прашања за алатката што ја користат милијарди луѓе.

Иако технолошкиот гигант тврди дека неговите сумирани одговори се „сигурни“ и базирани на извори како американскиот Центар за контрола на болести (CDC), анализата на над 50.000 здравствени пребарувања покажа поинаква реалност – YouTube е доминантен извор.

YouTube пред медицинските институции

Истражувачите од платформата „SE Ranking“ открија дека YouTube учествува со 4,43% во сите цитати на AI сажетоците. Ниту една болница, владин портал или медицинско здружение не се приближило до оваа бројка.

„Ова е важно бидејќи YouTube не е медицински издавач, туку видео платформа од општа намена. Секој може да прикачи содржина таму – од сертифицирани лекари, до велнес инфлуенсери и животни тренери без никаква медицинска обука“, предупредуваат истражувачите.

Следните најцитирани извори се далеку зад видео-платформата: германскиот јавен сервис NDR.de (3,04%) и медицинскиот прирачник Msdmanuals.com (2,08%).

Популарноста поважна од точноста?

Ова истражување се надоврзува на претходни случаи каде Google даваше неточни, па дури и опасни информации, како на пример погрешни толкувања на тестови за црниот дроб.

Хана ван Колфшутен, истражувач на Универзитетот во Базел, смета дека ова докажува оти проблемот е системски.

„Оваа студија дава емпириски докази дека ризиците се структурни. Се чини дека видливоста и популарноста, а не медицинската сигурност, се главните двигатели на здравственото знаење кај оваа алатка“, вели таа.

Одбраната на Google: „Имаме квалитетни извори“

Од Google реагираа дека резултатите не може да се генерализираат бидејќи студијата е правена само на германски јазик. Тие тврдат дека „AI Overviews“ цитира експертска содржина.

„Најчесто цитираните домени се угледни веб-страници. AI Overviews цитира стручна содржина од YouTube канали на болници и клиники“, велат од компанијата.

Компанијата посочи дека 96% од 25-те најцитирани видеа доаѓаат од медицински канали. Сепак, истражувачите возвраќаат дека тие видеа претставуваат помалку од 1% од вкупните линкови, што значи дека за останатиот голем дел од содржината ситуацијата може да биде многу поразлична.