„Хаос и масовен казнен каталог“: Одбраната на Џаферовски предупреди – „Да не правиме нови жртви за мир во куќа“

„Се наоѓаме во хаос кој не е создаден од факти, туку од погрешна рамка која настанот го претвори во масовен казнен каталог, наместо потрага по правда.“

Со овие остри зборови, Сузана Јошевска Анастасовска, бранителка на поранешниот директор на ДЗС, Аднан Џаферовски, го оцени судскиот процес. Таа предупреди дека болката на семејствата не смее да стане правна алатка и повика судот да не дозволи да има неправедно осудени само за да се задоволи јавноста.

„Да не дозволиме нови жртви – доста се жртвите од Пулс. Да не дозволиме неправедно осудени заради ’мир во куќа‘,“ истакна адвокатката.

Клучниот правен аргумент на одбраната е временскиот јаз. Џаферовски бил директор од 2017 до 2020 година, а кобната реконструкција на објектот (според одбраната) се случила во 2024 година, додека пожарот во 2025 година.

„Што требало да преземе Џаферовски од 2017 до 2020 за да се спречи пожарот во 2025 за објект кој настанал во 2024 година?! Наводниот синџир на пропусти е прекинат со реконструкцијата во 2024 година. Без каузалитет нема кривична одговорност,“ аргументираше Јошевска Анастасовска.

Таа заклучи дека судот е место за индивидуална кривична одговорност, додека за системска и политичка одговорност треба да се бара на други места.

ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ АДНАН ЏАФЕРОВСКИ?

(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)

Аднан Џаферовски (56), кој беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во периодот од 03.08.2017 до 03.11.2020 година , се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Обвинителството го товари за „несторување“ кое придонело за трагедијата:

  • Неназначување инспектор: Не донел одлука за распоредување на инспектор за заштита и спасување во Општина Кочани, иако знаел дека општината е без надзор .
  • Пропуст во планирањето: Не ги засновал годишните планови за инспекциски надзор врз реална проценка на ризик.
  • Системска негрижа: Дозволил објекти како „Пулс“ да работат без План за заштита и спасување и без да бидат контролирани од ДЗС, согласувајќи се со евентуалните штетни последици .