Хаос во Солун, не се знаеше кој кого тепа: Прво демонстрираа средношколци, а потоа стигнаа десничарите и удираа со камења по противниците на владата

Меѓу припадниците на екстремната десничарска организација и групата кој се бори против власта денеска во Солун дојде до судир, откако беше завршен протестот на средношколците против напорите на грчката влада да го оконча тридеценискиот спорт за името со Македонија.

Според наводите на локалните медиуми, националистите кои носеле качулки, ја гаѓале со камења групата борци против естаблишментот. Полицијата интервенираше употребувајќи солзавец за да ги растера десничарите, кои одговорија гаѓајќи ја со камења и други предмети, наведува грчкиот сајт Катимерини.

Претходно околу 1.200 средношколци, кои ги предводеше момче на коњ, нагрнат со грчко знаме, маршираа низ Солун, протестирајќи против напорите на владата да го окончаат тридеценискиот спор со Македонија.

Учесниците на протестот мавтаа со грчки знамиња, извикуваа слогани и истакнуваа транспаренти на кои беа напишани пароли против Македонија, но и против уште две соседни земји – Албанија и Турција, среде се поголемата загриженост поради инфилтрацијата на националисти и припадници на екстремната десница во училиштата, наведува АП.

Протестите ги организираа грчките тинејџери кои се заслужни и за тоа што средните училишта во Солун и соседното подрачје со денови се затворени во знак на протест против предложениот договор за нормализација на односите со Скопје.

Претходно група под името „Иницијатива за координација на училиштата и учениците во Атина“ протестираше во грчката престолнина, повикувајќи ги ученциите да „не им дозволат на фашистите да најдат простор за изразување во нашите училишта“.

 

Извор: Сител