Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, заедно со директорот на Управата за водостопанство, Ромео Тренов и раководителот на секторот, Бојан Дурнев, остварија работна средба со градоначалникот на Општина Сарај, Мухамед Елмази.
Во фокусот на средбата беше проектот за изградба, реконструкција и модернизација на системот за наводнување Шишово–Ѓрчец–Крушопек, како и значењето на неговата успешна реализација. На состанокот се разговараше за конкретните придобивки што овој проект ќе ги донесе за земјоделскиот сектор, особено за зголемување на ефикасноста на наводнувањето и подобрување на условите за работа на земјоделците од регионот.
Заменик министерот Хоџа истакна дека ваквите проекти се од клучно значење за одржливиот рурален развој и за јакнење на локалната економија, преку поефикасно управување со водните ресурси и зголемување на земјоделското производство.
