Хоџа најави построг пристап кон индустријата и начело „загадувачот плаќа“

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на денешниот брифинг најави дека борбата против загадувањето на воздухот ќе се води преку сеопфатен пристап кој ќе опфати контрола на загадувањето од индустријата, институциите и домаќинствата, како и преку меѓуинституционална соработка во врска со сообраќајот, со нулта толеранција кон загадувачите.

Тој информира дека Министерството има краткорочен план за акција и долгорочна програма усвоена од Владата, како и новиот Закон за контрола на емисиите, усвоен во септември 2025 година, кој стапува во сила во септември 2027 година.

‘Законот предвидува значително построги правила за издавање и надзор на еколошките дозволи од категорија А и Б, задолжување на индустријата за користење на најдобрата достапна технологија, како и финансиска одговорност во случај на прекршување. Законот е целосно усогласен со директивите на Европската Унија и е усвоен преку сеопфатен процес со јавна дебата, со учество на граѓанското општество, Стопанската комора, факултети и други релевантни страни’  рече пред новинарите министерот Хоџа.

Хоџа најави дека од следната недела ќе започнат средби со претставници на индустриите кои поседуваат еколошки дозволи од категорија А, со цел периодот на адаптација да се искористи на најефективен начин. Сите нови еколошки дозволи ќе се издаваат според новите поостри стандарди, со построги услови и пониски прагови на емисии, особено за индустриските капацитети сместени во урбаните зони.

Во рамките на новите мерки, е предвидено зајакнување на лабораториските капацитети на Министерството преку акредитација на нови методи за независни контроли кон индустријата, поставување јавни екрани кои ќе ги прикажуваат просечните емисии што ги испушта објектот, како и примена на принципот „ЗАГАДУВАЧОТ ПЛАЌА“, според кој индустријата ќе ги покрива трошоците за отстранување на ризикот, санација и праведна компензација за причинетата штета на животната средина.

Министерот Хоџа потенцира дека со овие мерки се менува системски пристапот на Министерството кон контролата на индустриските капацитети поврзани со загадувањето на воздухот, со воведување силни механизми за контрола и одговорност.