Собранието на Република Македонија до вечерва на полноќ ги прибира кандидатурите за нов државен јавен обвинител. Овој избор доаѓа по оставката на Љупчо Коцевски во декември, која уследи непосредно пред најавеното разрешување од страна на парламентарното мнозинство по предлог на Владата.
Во трката за нов државен јавен обвинител официјално се вклучи поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски.
Покрај него, кандидатури поднесоа и обвинителката Лидија Раичевиќ, судијата Ненад Савевски, како и актуелната в.д. републичка јавна обвинителка, Анита Тополова-Исајловска.
Својата кандидатура денеска ја објави и обвинителката Ленче Ристоска, која во моментов ги застапува предметите „Талир“ поврзани со финансирањето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Нејзиното пријавување доаѓа по неуспешниот обид за избор на судија во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, каде што таа беше меѓу финалните кандидати пред Владата да го поништи конкурсот.
Изминатиот период Ристоска беше изложена на засилени критики во дел од медиумите, а најави и тужба против премиерот Христијан Мицкоски поради изнесени деградирачки епитети упатени на нејзина сметка.
