Институциите да се прашаат како дозволија убиство на дете, вели Агелер

Амбасадорка на САД Ангела Агелер, во интервју за емисијата „Стадион“ на Канал 77 зборува за повеќе актуелни прашања, меѓу кои и за трагичниот крај на животот на 14-годишната Вања Ѓорчевска и при тоа очекува луѓето од институциите, кои ги оставија криминалците што го убија детето слободно да шетаат, да се погледнат во огледало и да се прашаат, што можеа да сторат за да ја спасат оваа млада девојка и сите други деца во земјава.

„Дозволете да ви кажам искрено, како што и претходно денес бев, системот не успеа да ѝ помогне на таа млада девојка. Се работи за криминалци, за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни, и не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворани. Не биле апсени и целосно гонети за нивните претходни злосторства“, вели амбасадорката.

Таа вели дека тие не морале да ја платат таа цена, и цената ја платила една млада девојка.

„Вања ја плати цената“, додава американската амбасадорка.

„Срцепарателно е, апсолутно е срцепарателно, и сега не е време за политизација. Време е за институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе. И да се прашаат, што можевме да сториме за да ја спасиме оваа млада девојка и сите други деца во земјава? Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државава? Ова е трагедија и се надевам, се молам, дека оваа држава, граѓаните, институциите и државните претставници ќе се погледнат во огледало и ќе прашаат што правевме, што треба да направиме сега за да обезбедиме дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се случи“, додава таа во интервјуто за Канал77.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното