Нападите врз иранските острови и јужниот брег на Иран ќе доведат до прекинување на поморските рути во Заливот и поставување морски мини, соопшти денеска иранскиот Совет за национална одбрана.
Соединетите Американски Држави разгледуваат планови за окупација или блокада на иранскиот остров Харг, главно чвориште за извоз на нафта, со цел да извршат притисок врз Техеран повторно да го отвори Ормутскиот теснец за сите бродови, пренесува порталот Аксиос.
„Секој обид за напад врз иранските брегови или острови ќе доведе до тоа сите пристапни патишта во Заливот да бидат минирани со различни видови морски мини, вклучително и пловечки мини кои можат да се активираат од брегот“, се наведува во соопштението.
Иранскиот Совет за национална одбрана потсети дека бродовите на држави кои не се дел од зоната на конфликт можат да минуваат низ Ормутскиот теснец, со координација на пловидбата со Иран, пренесува Танјуг.
