Над 9.500 овоштари добија финансиска поддршка од државата, откако се реализираше исплата од 338.468.141 денари за одржување на постојните овошни насади.
Од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека средствата се распределени на вкупно 9.567 корисници, во рамки на Мерката 1.6 – директни плаќања по обработлива површина. Оваа мерка има за цел да обезбеди континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство во земјава.
Со финансиската инјекција се овозможува стабилност во производството, зголемување на квалитетот и зачувување на постојните насади, што е особено значајно во услови на зголемени трошоци за производство.
– Продолжуваме посветено да ги поддржуваме вистинските земјоделци и да придонесуваме кон одржлив и конкурентен развој на македонското земјоделство – наведуваат од Министерството.
