Екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на својот Фејсбук профил упати најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Фросина Кулакова, која трагично го загуби животот на „Партизанска“.
Како што вели, видела многу шокантни настани, низ годините се соочила и со смрт на блиски луѓе, роднини, колеги кои животот го загубија на работно место, блиски соработници кои буквално ги снема за миг.
„Сум видела тела на жртви кои настрадале под различни околности, а некои од нив беа деца. Тие слики времето не може да ги избрише, едноставно не се забораваат.
Но, трагичната смрт на 22 годишната Фросина не само што ме потресе туку истовремено ми предизвика гнев.
Да не иделизираме, јасно е дека секој учесник во сообраќајот свесно или несвесно се случува да згреши па има и несреќи. Но, не е случајно и не е несреќа да возиш 130 км/час на Партизанска, не е случајно пијан да си седнеш зад волан и да нагазиш со 80км/час над дозволената брзина во најпрометниот дел од градот, не е случајно залетан да поминеш на црвено и не е несреќа кога некој на 20 години без возачка дозвола дивее по улиците и не ферма ниту правила ниту сообраќајна сигнализација затоа што мисли дека му се може. Тоа е девијантно однесување, криминал, дрскост и иссмевање со сите кои се трудат да постават граница меѓу доброто и лошото и мора да има соодветен одговор и реакција“, вели Јанкулоска.