Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ЈП ПОЦ) денеска упати јавен апел до жителите на општината и до сите граѓани на Скопје да се вклучат во голема заедничка акција за справување со сериозната еколошка состојба што ја зафати престолнината.
Од претпријатието предупредуваат дека градот се соочува со еколошка катастрофа која може да остави долгорочни последици врз здравјето на луѓето, особено на децата, како и врз животинскиот свет и целиот екосистем.
„Иако ЈП ПОЦ првично е формирано за други намени, во изминатите недели нашите хигиеничари работат без прекин – и дење и ноќе – за да се расчисти отпадот и изврши дезинфекција на јавните површини“, наведуваат од претпријатието, потенцирајќи дека моменталните ресурси се недоволни за справување со ваква кризна состојба.
Во согласност со заклучоците и насоките од градоначалникот и Кризниот штаб на Општина Центар, ЈП ПОЦ ги повикува граѓаните и компаниите што располагаат со механизација и опрема да се приклучат во акцијата што ќе се одржи во сабота, на 25 октомври 2025 година.
Акцијата ќе се реализира според следниот распоред:
- Пункт 1: Монтажна гаража зад ТЦ „Буњаковец“ – почеток во 10:00 часот
- Пункт 2: Фонтана „Лотус“ во Градски парк – почеток во 11:00 часот
Граѓаните кои сакаат да помогнат ќе можат да се пријават директно кај одговорните лица на пунктовите. Од ЈП ПОЦ апелираат волонтерите да бидат соодветно облечени и подготвени за теренска работа, а доколку располагаат со алатки или заштитна опрема – да ја понесат со себе.
„Да бидеме пример за солидарност и одговорност. Секој мал чекор значи многу кога сите чекориме во иста насока – кон почист и поздрав Центар“, порачаа од ЈП ПОЦ.