Европските земји, соседството, но и егзотичните дестинации како Малдиви, Тајланд, Дубаи, Египет се дел од изборот за дочек на 2019-та на македонските граѓани. Барањата и пријавувањата за патување и продажбата на пакет аранжманите во туристичките агенциии годинава биле многу порано од вообичаено велат туристичките работници.
„Тоа што искрено сакам да го истакнам е последниве години неколку имаме многу барања за далечните егзотични патувања. Нашите патници сакаат да уживаат во луксузните ресорти на убавите острови на Малдиви, да уживаат во убавата природа на Тајланд, исто така да се прошетаат низ убавиот Дубаи, па и Египет е доста атрактивна и барана дестинација од нашите граѓани“, изјави Блерта Зекири од ТА „Аурора“.
„Па видете, трендовите се менуваат, ако пред 10 години биле автобуските тури инетерсни, Будимпешта, Виена, Атина со доаѓањето на WIZZ, со обемот на проток на туристи надвор од државава посебно на младиве, Будимпешта, повторно ама со авион, Лондон проблематичен со визи но цените се доста ефтини па знаат и натаму да забегаат“, изјави Горан Јаневски од ТА „Компас“.
„Во блиското соседство имаме организирано пакет програма со автобуски превоз за Атина, 109 евра исто така има голем интерес, како топла дестинација, бараат во зимскиот период или топла дестинација или кај што ќе можат да зимуваат. Имаме широка лепеза на хотелско сместување во во Банско, Боровец и Пампорово“, изјави Сузана Зелениковска од ТА „Фибула“.
Проблемот со загадувањето кој осамна на сите светски медиуми нема да влијае на туристите вели Сулев, бидејќи имаат интензивна промоција и сите трендови се на наша страна. Долгорочно ќе се одрази ако не се превземат мерки, а сега за празниците не, бидејќи за празнициве гостите се од соседството, ако сакаме да привлечеме од западна Европа ќе мора да го решиме проблемот со загадувањето.
„Нашите очекувања се дека ќе има мало зголемување на бројот на туристи, затоа што за Новогодишните празници најголем број од туристите се од регионот. Имам информација од колегите дека ќе има раст на бројот на туристи од Бугарија, веќе имаат закупено големи капацитети и во Охрид и во винскиот регион и во Скопје остануваат од бившите југословенски држави, традиционално нашите иселеници, имаме зголемување на бројот и на луѓето од Западна Европа“, изјави Влатко Сулев, претседател на Национална асоцијација на дојдовен туризам.
350 милиони долари е директниот импакт, а индиректниот 700 милиони долари во Македонија. За да се зголеми бројот на странски туристи во земјава Сулев порачува дека треба да се насочиме кон сегментирање на три дела. Еден насочен кон регионот, промоции за Новогодишните понуди, вториот подобра и навремена организација да се донесе некоја музичка ѕвезда за привлекување гости од Европа и да се насочиме кон нашите иселеници кои најдолго престојуваат. Да не се заборави дека 11% од вработувањата во светот отпаѓаат на туризамот, каде 60% се жени, а ова е гранка во која има најмногу простор за млади лица.
РЕПОРТЕР: АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА