На денешната прес-конференција, портпаролката на Владата, Мартина Митева, информираше за најновиот извештај од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), кој се однесува на контроли и надзори спроведени врз угостителските објекти низ земјата, во периодот од 17 март до 10 април 2025 година.
„Во наведениот период се извршени 297 надзори во однос на исполнувањето на минималните технички услови и другите одредби согласно Законот за угостителска дејност“, рече Митева.
Како резултат на контролите, издадени се 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 3.436.000 денари. Дополнително, донесени се 28 решенија за привремена забрана за вршење дејност и 12 решенија за отстранување на неправилности.
Посебно внимание е посветено на објектите со активна лиценца – од 23 такви објекти, кај 17 се констатирани неправилности, додека кај 7 од нив веќе се отстранети и тоа е потврдено со контролни записници. Надлежните органи продолжуваат со мониторинг и кај објектите кои немаат лиценца, или се со поднесено барање за истата.
Митева најави дека следната недела ќе биде доставен детален извештај од сите 9 одделенија на ДПИ.
„Ова не е еднократна акција, туку дел од системски пристап кон зајакнување на институционалната одговорност. Контролата продолжува“, потенцираше таа, додавајќи дека Владата останува транспарентна и отворена за сите прашања од јавен интерес.