Албанската полиција спроведе акција со кодно име „Организатор“, во која беа уапсени три лица осомничени за трговија со оружје и фалсификување документи. Според првичните информации, оружјето и документите биле наменети за транспорт кон територијата на Македонија.
„При претрес во патничко моторно возило беа пронајдени три парчиња огнено оружје „калашников“, 3.320 боева муниција, како и гранати, за кои истрагите покажуваат дека биле наменети за шверц во Северна Македонија. Во домот на едниот од нив се пронајдени и одземени 20 фалсификувани документи, албански, бугарски и македонски, пасоши, лични карти, дозволи за престој и потврди за вештини, како и опрема што се користела за оваа криминална активност, стои во полициското соопштение.
Уапсени се лицата Дмитер Пеќини (59) од Елбасан, кој бил главен организатор, потоа Елбан Цонику (52) од Грамаш, и Артан Лила (47) од Елбасан.
Полициската акција била финализирана по четиримесечна истрага.