Камери на секои крстосници, семафори…Ги има во различна големина и форма, а се разликуваат и по боја. Нивната намена е исто така различна. Камерите се поставени во рамките од проектот „Сејф Сити“, почнат уште од 2012 година кога министерка за внатрешни работи беше Гордана Јанкулоска. Иако поминаа речиси 13 години, сепак се уште овој проект не е завршен.
Освен Скопје, Тетово, Охрид и други градови, дел од проектот „Сејф Сити“ станува и Кавадарци. Инвестиција е на самата општина, но локалниот систем со камери, ќе да се интегрира во системот на МВР.
„Можам слободно да кажам дека со поставувањето на камерите во овие четири години криминалитетот во Кавадарци е во драстично опаѓање, некаде во 40 посто има опаѓање во сторување на кривични дела“.
„Така што, ова што денеска го видовме во Кавадарци, кое што ќе биде како „Безбеден град“ интегрирано во рамките на еден поголем проект кој што го работи МВР. Поддршката од страна на Владата е недвосмислена и јасна, и продолжуваме во таа насока. Мора да има дисциплина, мора да има ред и мора да има владеење на законите.“, рече Христијан Мицкоски.
Белите камери функционираат одамна. Нив ги користи МВР, но и обвинителството при решавање на различни криминални случаи. Во последно време се постапуваат камери кои имаат поинаква форма и боја.
Тие ќе се користат за „ловење“ на сообраќајни прекршоци. Иако и овие камери се дел од проектот „Сејф Сити“, никој не може да каже кога ќе почне да функционира целиот систем, иако нивната намена е позната.
„Овие камери би требало конкретно да утврдат сторен прекршок во делот на три сегменти. Првиот е погрешно паркирање, зборувам во градовите каде што ќе бидат поставени, вториот е преминување на црвено и третиот е недозволена бризина. Овие три сегменти се едни од најголемите прекршувања за законските прописи кои што се поврзани со фрекфентност во текот на една година, а дел од овие, особено преминување на црвено и голема брзина се предизвикувачи на најтешки последици.“, рече Тошковски.
Но, зошто камерите кои ќе ловат сообраќајни прекршоци се уште не се пуштени во употреба. Тошковски вели дека во моментов се работи на техничкото и законското решение. Според него, од почетокот на самиот проект никој не размислувал како да биде ставен во функција целиот систем. Колку казни ќе продуцира на дневна основа, дали тие ќе можат да се сработат од страна на вработени во МВР, како ќе се процесуираат, кој ќе ја води постапката, дали треба да се зголеми бројот на вработени во МВР за изрекување на прекршоци, дали ќе одат тие казни во суд и кој ќе ги сработи тие предмети во судот. Кога ќе бидат пуштени во употреба камерите, никој не знае, па ниту и министерот за внатрешни Панче Тошковски. Со овие камери, очекувањата е да се подигне сообраќајната култура кај возачите, а со тоа да се намали бројот на несреќи во сообраќајот, кои многу често завршуваат и со смртни последици.

