Кампањата се уште не почната а партиите растрчани на терен. Министри, заменици и други владини претставници изминатите денови се на терен, на увид на изградба на објекти, патишта и многу други проекти. Лидерот на СДСМ Зоран Заев заедно со генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски на увид во градежните работи на браната Конско во Гевгелија. Но најактивен е премиерот Оливер Спасовски, во четвртокот во Драчево на увид во изградба на градинка, вчера во Прилеп и во Крушево, денеска во валандовско на терен на изградбата на проектот за наводнување на Јужната долина на реката Вардар.
„Најважно за земјоделците за реализација на овој проект е дека кога ќе биде завршен ќе има драстично намалување на трошоците за вода и ќе се обезбеди квалитетно и навремено наводнување на нови 2 илјади 150 хектари земјоделска површина.“, рече Спасовски.
Членовите но и високото раководство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ интензивно промовираат штандови на партијата во градовите низ земјава на кој се присутни и голем дел од граѓаните и покрај препораките да се избегнуваат собири. Генералниот секретар Јанушев во неговиот роден Велес со маичка со ликот на Гоце Делчев најави дека го почнува походот по општините од третата изборна единица каде што е тој носител на кандидатската листа. Лидерот на партијата пак Христијан Мицкоски во родната Струмица на Заев, со критики до него.
„Ќе разговараме за она што е актуелно ќе разговараме за тоа што е направено изминативе 3 години од страна на ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев, тоест, да бидат попрецизен, тоа што не е направено. Ќе се обидеме да презентираме дел од проектите кои што планираме во периодот кој што следи да ги реализираме.“, изјави Мицкоски.
Од Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека кампањата се уште не е почната, но нивниот настап од плоштадот Скендербег во Скопје наликуваше на предизборна кампања.
„Не не е вистина. Ние го почитуваме изборниот законик и го почитуваме почетокот на кампањата. Ова е првата активност на коалицијата за да го објавиме слоганот и името на програмата. За деталите на програмата ќе почнеме да ја откриваме за време на кампањата. Затоа ние тука не зборувавме за детали.“, вели Африм Гаши.
На терен се и министри, функционери и високото раководство на ДУИ. Министерот за економија Крешник Бектеши на својот фејсбук профил објави снимки од денешната посета на Охрид и Струга со идејата која ја промовираше лидерот на партијата Ахмети за Албанец премиер.
.