Картел во осигурувањето: КЗК откри договорено зголемување на цените

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) неодамна соопшти дека по неколкумесечно интензивно истражување утврдила постоење на нов картел во Македонија, овој пат во осигурителниот бизнис.

„Имено, постапувајќи по барање добиено од страна на Министерството за финансии, Комисијата започна постапка против десет осигурителни компании во Македонија, поради постоење на основи на сомневање дека истите тие се здружиле во картел, кој е директно на штета на граѓаните и стопанството во Македонија“, соопшти Комисијата.

Оттаму додадоа дека десетте осигурителни компании што вршат услуги од областа на осигурувањето на територијата на Македонија, во април 2024 година, преку усогласено однесување ја замениле состојбата на непречена конкуренција на релевантниот пазар со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата, чија цел е нарушување на конкуренцијата, преку зголемување на продажната цена на премијата/процентот за вршење на дејноста осигурување (режиски додаток), што е дел од премијата за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица и задолжително се плаќа при регистрацијата на моторни возила.

„Поради целосно документирање на случајот и поведување соодветна прекршочна постапка против сторителите, Комисијата за заштита на конкуренцијата изврши низа увиди во службените простории на осигурителните компании, вклучувајќи и увиди во нивната меѓусебна комуникација, при што се пронајдени докази дека одлуката за зголемување на цените на премијата за автоодговорност е донесена како резултат на усогласено однесување – КАРТЕЛ“, наведуваат од Комисијата.

Од КЗК посочија дека доколку по завршувањето на прекршочната постапка се потврди постоењето на прекршок, против десетте осигурителните компании ќе бидат изречени казни заради сторениот прекршок.

Кој е кој на пазарот

Со присоединувањето на осигурителната компанија „Винер – Виена иншуренс груп“ АД Скопје кон „Македонија осигурување – Виена иншуренс груп“ АД Скопје, кое официјално се комплетира во јуни 2024 година, „Македонија осигурување“ стана компанија со најголема БПП на пазарот во делот на неживотните осигурувања, со пазарен удел од 17,63 проценти на крајот од 2024 година. Следува „Триглав“ со 12,37 проценти, а за третата позиција на пазарот тесна е борбата помеѓу „Уника“ со 11,47 и „Еуролинк“ со 11,41 проценти пазарно учество.

Компаниите во делот на неживотните осигурувања очекуваат пазарот да продолжи да расте и до крајот на 2025 година. Во коментарот на финансискиот извештај доставен до Македонската берза, од „Триглав осигурување“ велат дека очекуваат стабилно макроекономско опкружување во текот на 2025 година, иако, како што велат, „сѐ уште постојат нагорни притисоци во однос на ценовната стабилност, како и високо ниво на каматни стапки на глобално ниво, кои може негативно да влијаат на очекувањата“. Планираната премија во 2025 година изнесува околу 27,5 милиони евра, што е раст од 5 проценти во однос на 2024 година, а добивката исто така се очекува да порасне за околу четири проценти, на 950 илјади евра.

Од нивниот конкурент „Македонија осигурување“ велат дека планот за БПП за 2024 година го оствариле, но остварените штети го надминале планот, од страна на присоединетото друштво. Со завршување на процесот на спојување на двете компании, за 2025 година очекуваат БПП да изнесува 2,2 милијарди денари (околу 36 милиони евра) и добивка од околу два милиони евра.

    

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното