Програмскиот совет на Македонската Радио Телевизија ја уважи жалбата на новинарка и ја поништи дисциплинската постапка покрената против неа, откако таа беше санкционирана затоа што не поставила прашање на еден одреден настан на кој била присутна како известувач.
На 25-та седница на Советот, одржана на 30 декември, членовите едногласно заклучиле дека непоставувањето прашање на прес-конференција не може да се третира како дисциплински престап, особено доколку уредникот не доставил конкретно писмено барање или налог.
„Во случајот се работи за изолиран инцидент, без континуирано непочитување на обврските,“ се вели во образложението. Советот нагласува дека санкциите врз новинарите мора да бидат крајна мерка, а уредничката хиерархија да обезбеди појасни комуникациски канали и насоки пред и по секој теренски ангажман.
Според членовите, случајот ја отвора потребата за подобрување на односите меѓу новинарскиот кадар и уредниците, како и прецизирање на процедурата за теренски известувања, за да се избегнат слични ситуации во иднина.
