„Ќерка ти прегази дете“: Уапсен охриѓанец кој со лажна приказна измамил старица за 8.000 евра

Полицијата во Струга расчисти тежок случај на измама во која жртва е 77-годишна жена од струшко село. Лишен од слобода е 40-годишниот Н.С. од охридското село Горно Лакочереј, кој преку телефонска манипулација и застрашување успеал да изнуди 8.000 евра.

Апсењето е реализирано вчера (17.12.2025) во 11:40 часот, од страна на службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга, во координација со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал.

Шемата „сообраќајна несреќа“ сè уште успешна

Инцидентот се случил на 11 декември 2025 година, кога осомничениот ја искористил вознемиреноста и наивноста на повозрасната жена.

Според пријавата, тој телефонски ја контактирал жртвата, лажно се претставил и ѝ соопштил шокантна, но лажна вест – дека нејзината ќерка наводно прегазила дете на пешачки премин. За да ја „спаси“ ќерката од затвор и наводното обвинение, измамникот побарал итна исплата на пари. Исплашената жена, верувајќи во приказната, се согласила на договорот и му ги предала парите. Осомничениот заминал со 8.000 евра.

По документирање на случајот, против Н.С. е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.