На денешното судско рочиште за убиствата на Панче Жежовски и 14-годишната Вања Ѓорчевска продолжи изведувањето на материјалните докази од страна на Обвинителството. Судот ги разгледуваше снимките кои треба да ја прикажат движечката патека на возилата користени во киднапирањето на Вања.
Првата снимка, која беше презентирана на CD, го покажува обвинетиот Влатко Кешишев како полни бензин во пластично шише на бензинска станица “Макпетрол” во близина на политичката партија “Десна”. Снимката е од 27 ноември 2023 година, денот на грабнувањето, и го прикажува Кешишев во црна јакна и капа во раните утрински часови, во 05:26 часот.
Второто CD содржи снимки од движењето на возилото “рено кангу” во Центар и Аеродром, при што се следи патеката на автомобилот кој се движел од пред седиштето на партијата “Десна” кон Автокоманда.
На судењето, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, изјавија дека не се чувствуваат виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале киднапирање на Вања, со цел да присилат нејзин близок роднина да им даде пари за откуп, додека Панче Жежовски бил грабнат во Велес за да се присили да го даде своето возило “Цитроен”, кое било користено за грабнувањето на Вања во Скопје.
Вања и Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година. Судењето продолжува.