„Ако ја следиме логиката на обвинението, тогаш неминовно се појавува прашањето: Дали враќајќи се во минатото, кофата со вода за гаснење на пожарот не била и во рацете на Обвинителството во Кочани и на претставниците на поширокиот државен систем?“
Со оваа реторика, адвокатот Димитар Дангов, бранител на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Шабан Салиу, ја оспори логиката на Обвинителството кое го поврзува Салиу со трагедијата преку настани од пред една деценија.
Одбраната тврди дека Обвинителството конструира „нов, правно невозможен институт“ заснован на „долготраен каузален тек“ од 14 години. „Во однос на мојот клиент се тврди дека каузалитетот траел до денот на пожарот, односно 14 години. Зошто да не е иста и тезата за Обвинителството?“ праша Дангов.
Адвокатот истакна дека Салиу не бил дел од процесот на лиценцирање, инспекциски надзори или урбанистички одлуки. „Таквите постапки не спаѓале во неговите надлежности, тој не можел конкретно да делува на пожарот во Кочани ниту на последиците. Правдата не се гради врз чувствата, туку врз вистината,“ заклучи одбраната.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ШАБАН САЛИУ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Шабан Салиу (64), кој беше директор на ДЗС во периодот од 2008 до 2017 година , се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Иако одбраната тврди дека немал надлежност, Обвинителството го товари за системски пропусти:
- Неназначување инспектор: Не донел одлука за распоредување на инспектор за заштита и спасување во Општина Кочани, оставајќи го регионот без надзор .
- Неспроведување мерки: Не презел мерки за заштита на луѓето од пожари (нормативни, оперативни и организациски).
- Игнорирање на ризикот: Иако знаел дека во Кочани нема инспектор, во годишните планови предвидувал надзори кои не се вршеле, оставајќи го објектот „Пулс“ како непроверен субјект кој немал План за заштита и спасување .