Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ на т.н. Народно Собрание побара од институциите итно и целосно да ја објават документацијата за дискотеката „Пулс“, каде животот го загубија 59 млади луѓе. Но, за првпат иницијативата го проширува барањето, барајќи транспарентност и за други трагични случаи – „Беса Транс“, „Дурмо турс“, „Онкологија“ и модуларната болница во Тетово.
„Системот не функционира уште од самото постоење на државата. Затоа сега бараме документацијата за работењето на клубот ‘Пулс’ од 2012 година до денес, но и за други трагедии кои го потресоа општеството,“ рече Борјан Ефтимов, член на иницијативата.
Тој побара и морална одговорност од приватниот сектор, особено од коморите и угостителските здруженија, да ги едуцираат своите членови како да обезбедат услови за безбедност на гостите.
Ефтимов повтори дека иницијативата не е дел од никакви политички структури, ниту има поддршка од партии. Посочи дека нивните членови сами ги покриваат трошоците за присуство на собирите и дека се разочарани од пратениците кои не учествуваат во јавната дебата во Собранието.
„Лути сме на пратениците кои немаат доблест да влезат во законодавниот дом и да разговараат за реалните проблеми на народот“, рече Ефтимов.
Од иницијативата излегоа и со нови, конкретни предлози – формирање на јавен софтверски систем преку кој граѓаните во реално време ќе можат да следат кој инспекторат, кога и кого проверил, но и каде не се спроведени контроли.
„Бараме и улици кои ќе бидат само пешачки зони – градови по мерка на луѓето, не на корупцијата,“ додаде Игор Антов, исто така дел од иницијативата.