Колумна на Виктор Петков: Прогресивно оданочување vs рамен данок

Прогресивното оданочување нема да собере повеќе даноци во буџетот, напротив ќе ја зголеми администрацијата и условите за злоупотреба. Прогресивното оданочување може да биде опција за дебата во услови на стабилна економија и правен систем, при најмалку двојно поголем бруто домашен производ. Дотогаш опцијата за прогресивно оданочување може да биде гола и анти продуктивна теорија.

Главни носители на развојот треба да бидат приватните стопанственици, а не државата, а земјава мора да воведе реформа во оданочувањето на банките, кои и со трансформацијата на општествениот капитал беа црното петно на македонската економија во транзиција, а пласманите на странските кредити во стопанството ги пренесе на сите даночни обврзници, задржувајќи ги хипотеките на пласманите на странските кредити во стопанството како екстра профит!

Во Македонија не се создадени услови за прогресивно оданочување, бидејќи нашата економија е кревка, потребни се стимулации за нејзино стабилизирање, а во услови на нестабилен правен систем, мотивацијата кај повеќето ќе биде брза емиграција во странство.

Можеби прогресивниот данок е добар за развиена и стабилна економија. Иако, за волја на вистината, е комплициран, административно е скап, склон е на злоупотреби, посебно во македонски услови. Неприфатливо е од сите реформи, во Македонија да се преферираат најкомплицираните!

Македонија беше и треба да остане земја со најниски даноци во светот, за да мобилизираме домашни инвестиции и прилив на странски инвестиции. Тоа ќе создаде одржлив буџет и конкурентно стопанство на светскиот пазар.

Политиките на рамен данок и ниски даноци овозможуваат континуиран раст на стопанството. Странски аналитичари ја оценуваа Македонија за земја со најниски даноци во светот и таа позиција Македонија треба да ја задржи и натаму.

Рамниот данок и ниските даноци позитивно влијаат врз креирањето на поволна бизнис клима и овозможуваат повеќето пари да останат во стопанството и кај граѓаните.

Ниските даноци мора да бидат придружени со мерка ослободување на стопанството од обврската за плаќање на данок на не распределената добивка, што придонесува за негова подобра ликвидност и работење. Данокот на добивка за фирмите кои ќе ја реинвестираат добивката треба да остане 0 отсто!

Просечната даночна стапка во 2016 година изнесуваше 7,4 проценти што беше далеку пониско од светскиот просек кој изнесуваше 10 отсто.

Ниските даноци овозможија развој па така Македонија достигна статус: Секоја година да биде во групата на земји со највисок раст на БДП. Се зголеми
извозот од 1,9 милијарда евра во 2006 година на 4 милијарди евра во 2015 година. Се намали сивата економија и затајувањата данок. Приливите во буџетот драстично пораснаа.

Во колумната се ставови на Виктор Петков член на централен одбор на ЛДП

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното