Комисијата го одби предлогот за минимална плата од 600 евра

Предлог-измените на Законот за минималната плата, со кои се бараше таа да изнесува 36.960 денари (600 евра) во периодот од март 2026 до март 2027 година, не добија поддршка на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.

Законот беше поднесен од пратеници на СДСМ и Левица, а во расправата главно учествуваа опозициските пратеници. Од претставниците на власта на говорницата се обрати само пратеникот Миле Цеков од ЗНАМ, кој изрази поддршка за предлогот.

Комисијата не го прифати ниту предлогот на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, за одржување јавна расправа и обид за постигнување договор меѓу Владата, синдикатите и работодавачите.

Образложувајќи го законот, Спасовски истакна дека станува збор за продолжување на политиката на раст на минималната плата започната во 2017 година и оцени дека актуелниот механизам за усогласување не го следи реалниот раст на трошоците за живот. Според него, најпогодени се граѓаните на кои минималната плата им е единствен извор на приход.

Опозицијата аргументираше дека зголемувањето е неопходно поради растот на цените на храната, енергенсите и комуналните услуги, како и поради намалената куповна моќ. Беше посочено дека средствата за спроведување на законот би се обезбедиле со пренамена на буџетски средства, без зголемување на дефицитот.

Дел од пратениците што го поддржаа предлогот оценија дека минималната плата од 600 евра претставува социјален минимум, а не политички каприц, и повикаа на поширок политички консензус.

Со одбивањето на предлогот во Комисијата, иницијативата за зголемување на минималната плата во предложениот износ засега не продолжува понатаму во законодавната постапка.