Министерот за здравство Азир Алиу најави дека до утре ќе се потпише договор со „Градски паркинг“ за изградба на ново, целосно дигитализирано паркиралиште во Клиничкиот центар во Скопје.
„Ова ќе биде паркинг каков што нема на државно ниво – целосно дигитализиран, ‘паметен’ паркинг којшто од моментот кога ќе влезете, па сè до излезот, автоматски, дигитално ќе ве следи и ќе комуницира со возилото. Ќе има посебни влезови, особено за одделот за кардиологија, бидејќи знаеме дека времето е клучен фактор за тие пациенти. Излезите ќе бидат исти. Капацитетот на паркирање ќе се зголеми двојно поради просторната оптимизација на паркинг-местата.“, вели Азир Алиу.
Паркингот ќе има 300 места, 24-часовен надзор и посебни влезови за итни случаи.
Паркирањето ќе биде поделено во четири ценовни категории – онколошките пациенти ќе паркираат бесплатно, а различни цени ќе важат за пациенти, вработени и посетители.