Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата спровела контроли во повеќе од 30 откупни центри во Гевгелија, Струмица, Кривогаштани и Ресен, при што биле опфатени и откупот на пиперки и јаболка.
Контролите биле спроведени преку непосредни увиди и прибирање податоци и документација од откупните центри. Целта била да се утврди на кој начин се формираат откупните цени, под кои услови се врши откупот и како откупните центри ги утврдуваат и менуваат цените.
Од Комисијата соопштија дека при досегашната анализа на прибраните податоци и документација биле утврдени одредени индиции кои упатуваат на можни прекршувања на прописите што се во нејзина надлежност.
Во следниот период ќе продолжи деталната анализа и проверката на документацијата, по што, зависно од утврдените факти и во согласност со законските овластувања, ќе бидат преземени соодветни мерки.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата нагласуваат дека ќе продолжат со контроли и постапување во случаи во кои постојат индиции за нарушување на правилата на конкуренцијата.
Како што наведуваат, целта е да се обезбедат еднакви услови за пазарно натпреварување и да се заштитат интересите на сите учесници на пазарот.