Поранешниот градоначалник на Струмица од СДСМ, Костадин Костадинов, вечерва ги коментираше резултатите од вториот круг на локалните избори 2025, истакнувајќи дека СДСМ изгубила на повеќе места, но дека тоа не значи дека партијата е „целосно згасната“.
„Да, СДСМ изгуби. Честитки за победата на ВМРО-ДПМНЕ и секако за демократскиот капацитет на нацијата, секаде, но особено во Кичево“, напиша Костадинов во својата објава.
Тој нагласи дека СДСМ има потреба од реформи, ребрендирање и сериозен филтер за да остане втората најсилна партија во земјата.
„Нашиот фокус не треба и не може да биде исклучиво брзо менување на власта. Нашиот фокус мора да биде зајакнување на улогата на СДСМ во рамките на опозицијата, отворена за сите, како платформа во која ќе се најдат што поголем број на помали групи, па дури потоа да стреми кон нешто повеќе“, напиша Костадинов.
Тој додаде дека доаѓа време за длабински анализи, тешки промени, тешки одлуки, дебати и многу работа. Костадинов, исто така, честиташе на сите кои учествувале на изборите, како на победниците, така и на новите членови на советите на градовите.