Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, денеска со остра и директна порака побара оставка од целото раководство на СДСМ, оценувајќи го изборниот резултат како „тешка брука и политички, но и морален срам“. Во својата објава, тој го призна поразот во Струмица, општина која СДСМ ја водеше во изминатите 20 години, и му ја честиташе победата на противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Костадинов, „изборното цунами“ што се случи низ целата држава е директна последица на одлуките на раководството на СДСМ. „Ова не е обичен пораз, туку тешка брука и срам. Состојбата во која е запален црвен аларм не е доволен сигнал за раководството… Ова е сигнал за политичко заминување на поголем број членови од раководството“, напиша тој.
Костадинов посочи на конкретни порази кои ја илустрираат катастрофалната состојба во партијата:
- СДСМ е четврта политичка сила
- СДСМ не влезе во втор круг во Скопје
„Недозволиво е самоволието да продолжи да владее и со тоа секој еден член на СДСМ да биде понижен. Немојте да зборувате дека сте среќни со резултатот. Поголем пораз од ова нема“, порача Костадинов.
Тој побара итна и неотповиклива одговорност. „Час поскоро, секој кој носел одлуки треба да се погледне во огледало и да признае дека не го бива. И да си оди. Тоа е доблест, чекор со кој ќе се овозможи вистинските луѓе да се интегрираат во партијата и искрено да почнат со работа. Веднаш, уште денес“, апелираше Костадинов.
На крајот, тој повика на итен состанок за суштинска, а не декларативна консолидација, како и на „реформа, реконструкција, ремонт и ребрендирање, кои можат да ја излечат СДСМ“.