Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на отворањето на Талинскиот дигитален самит 2023 во Естонија.
Во продолжение дел од обраќањето на премиерот Ковачевски.
„Јас сум тука пред сѐ да зборувам за достигнувањата, предизвиците и идните чекори на мојата земја, Северна Македонија, земја која што работи на дигитализацијата веќе 30 години, практично од првиот ден на нашата независност од 91 година. Ние сме мала земја, малку можеби поголема од Естонија, но ние сме и предводници во регионот во сегментот на телекомуникацијата и поврзувањето. Многу брзо по нашата независност, беше имплементиран телекомуникацискиот план за дигитализација на инфраструктурата што нас нѐ направи практично првата земја во регионот која прва ги замени аналогните системи со дигитални системи и ја оствари реалноста на дигиталната визија.
Пред 30 години како земја ја инициравме и изградивме дигиталната Трансбалканска линија во соработка со телекомуникациските оператори на Турција, Бугарија, Албанија и Италија и на тој начин обезбедивме диверзификација и комуникациска поврзаност исток – запад, со што се отвори врата за широка соработка на економиите и меѓусебно поврзување на граѓаните.
Со тоа се постави определбата на земјата за изградба на комплетна дигитална инфраструктура за телекомуникациско поврзување. И не сопревме тука, следеа сите модерни технологии кои станаа предуслов за развој на економијата како што е воведувањето на Мобилната телефонија во (ГСМ) технологија, развивањето на дигиталните дата комуникациски системи за податоци и пософистицирани сервисни архитектури.
Ја поддржавме определбата за изградба на оптика до секој дом и лидери сме во воведувањето на 5Г технологијата на пазарот. Со ова се создава инфраструктура за дигитално поврзување која нуди нови можности за развој на услуги и функционалности кои овозможуваат огромни придобивки за граѓаните, но и за развој на општеството и демократијата.
Исто така, многу важно за регионот, е што преземајќи ја обврската од Дигиталниот самит на Западен Балкан во 2018, ние заедно со земјите од регионот го укинавме роамингот за нашите граѓани, правејќи чекор напред во приближувањето кон Европската Унија.
Нашата посветеност да обезбедиме дигитална трансформација на општеството и приближување на европските стандарди е огромна и видлива. Во Северна Македонија во моментов 83% од домаќинствата имаат пристап до широкопојасен интернет, а 91% од компаниите користат различна технологија, како и широкопојасен интернет. Употребата на електронски услуги бара активен и интензивен ангажман за да се обезбеди европско ниво што е можно поскоро, а тоа го поставивме како приоритет во планот за дигитална трансформација наречен Дигитална Ера, како и во Националниот план за широкопојасен интернет со кој треба да се елиминираат т.н. бели зони и да се обезбеди ултрабрз интернет до оние семејства на кои им е потребен бидејќи земјата е покриена со оптика во домовите.
Воедно, дигиталната трансформација е вовед и основа за развој на повеќе полиња како што е сајбер безбедноста, но и користењето на вештачката интелигенција како идна можност за што побрзи и поефикасни услуги за граѓаните. Ние годинава ја претставивме АДА, првиот асистент со вештачка интелигенција кој за компаниите обезбедува асистенција при аплицирање за владина поддршка. Само во првите 48 часа од поставувањето, АДА имаше опслужено над 1.300 граѓани, што само ни дава увид во можностите и потребата за развој на овој тип на алатки врз основа на вештачка интелигенција и високи технологии.
Во оваа насока, сакам да напоменам дека нашата Влада е во процес на формирање на Агенција за дигитализација чија задача, пред сѐ, ќе биде консолидирање на напорите за брза и ефикасна дигитална трансформација и ќе биде посветена на четирите столба односно сајбер безбедност, ИТ инфраструктура, софтверски решенија како и фокус на академскиот дел и потребните обуки. Овој тип на агенција може да ги искористи и кадрите за ИТ коишто во моментов ги нема на пазарот. На мое задоволство, веќе сме во фаза имплементација.
Имаме јасни примери што дигитализацијата направи во Естонија и каква е придобивката за граѓаните. Ова знаење и искуство го користиме и ќе го искористиме и за понатамошни процеси. Дигитализацијата и искуството на Естонија и Балтичките земји се наши алатки кои ќе обезбедат забрзан чекор по европскиот пат и членство во ЕУ, како и имплементација на електронските услуги за граѓаните.
Но она што лично сметам дека заслужува најмногу внимание е развивањето на капацитетите на ИТ секторот и охрабрувањето на младите да си ја видат и најдат иднината во овој сегмент, но дома, во Северна Македонија. Ние и денес имаме одлично задржување на ИТ кадри кои произлегуваат од образовните институции затоа што условите за нив дома, со оние плати кои ги земаат во ИТ секторот, им обезбедуваат одличен квалитет на живот, притоа обезбедувајќи придонес и развој во македонската економија. Од овој аспект, Северна Македонија е одлична дестинација за дигиталните номади и искуствата на оваа тема се исклучително позитивни, потврдени од многу компании кои ги аутсорсираат своите бизниси во Северна Македонија но и македонски компании кои работат за компании надвор од државата.
Оваа Влада можам да потврдам дека е посветена сериозно на целосна дигитализација на јавните услуги. Во моментов преку порталот е-услуги дигитализирани се огромен број на јавни услуги. Работиме активно и на зголемување на обемот на достапни услуги сѐ до комплетна дигитализација. Ова секако го работиме и двонасочно, вклучувајќи од една страна зголемување на капацитетот на институциите за обезбедување на електронски услуги и дигитална писменост од друга страна.
Сето ова е потврда дека дигиталната ера не се случува преку ноќ. Нашата определба за неа датира од 1991. Денес со право можеме да кажеме дека ги имаме сите услови за дигитална трансформација. Имаме мрежа, имаме системи и со сигурен чекор без одлагање како во некои други времиња ги имплементираме сите процеси и се приближуваме кон европските вредности и начин на живот. Токму затоа и веруваме дека членството во ЕУ до 2030 година е остварлива и реална цел“.
