Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска повторно се предизвикаа на пратенички прашања во Собранието.
Имено, тој го праша премиерот Димитар Ковачевски дали ќе ја разреши поради нејзината психичка состојба, по што излезе Петровска и му порача дека за тоа не е потребен премиерот, истото можел и он да го направи со интерпелација.
Ковачки на говорницата читаше и извештај од психијатриско вештачење за кое вели дека министерката подолг период е на седативи и се чувствува немоќно и бесцелно.
„Според стручни лица кои како пратеник ги консултирав неподготвеноста за соочување со вистината и стравот поради своите несоодветни постапки може да предизвика манифестации в однесувањето како резултат на психичката состојба. Конкретно на министерката за одбрана согласно извештајот од психијатарот, цитирам: ’и се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација, проблеми во мислењето, збунета е и конфузна. Има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала‘“, вели Ковачки.
По него излезе и Петровска, која сепак не ја негираше вистинитоста на вештачењето, но вели дека таквата состојба и ја предизвикал токму Ковачки со негова бескрупулозна лага.
„Тоа што го читавте е извадок од вештачењето и се однесува на моето однесување за вашата бескрупулозна лага која ја изнесовте пред неколку месеци. Причината за вашиот бес и немоќ да се справите со тужбата е тоа што всушност ве натера да излезете на говорница и тоа да го читате. За тоа што пишува во тоа вештачење и што го предизвикало таквото мое однесување, ќе се видиме на суд и како што кажав пред неколку месеци од оваа говорница, дека за вашата лага ќе се видиме на суд, ќе се видиме наскоро“, рече министерката.