Од 20 до 26 јануари, пријавен е еден смртен случај поврзан со Ковид-19. Се работи за пациент над 60 години кој имал коморбидитети и починал во болница. Според информациите од Институтот за јавно здравје, пациентот бил вакциниран со две дози вакцини против Ковид-19, последната доза примил пред повеќе од три години.
Притоа, забележан е еден нов случај на Ковид-19, за лице од Струга. Во минатата недела, биле евидентирани три лица кои оздравиле од болеста.
Од почетокот на годината, до 26 јануари, се регистрирани вкупно 14 случаи на заболени од Ковид-19. Во однос на декември, бројот на заболени во јануари е за 2,3 пати поголем.
Од Институтот за јавно здравје препорачуваат продолжување на примената на основните превентивни мерки против Ковид-19 и други респираторни заболувања. Вакцинацијата продолжува да биде клучна превентивна мерка која обезбедува заштита од тешки форми на болеста, иако со текот на времето заштитниот ефект може да се намали. Се препорачува вакцинација за лицата кои се изложени на висок ризик од сериозни компликации, како што се постарите лица.