Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против осум физички лица. Меѓу пријавените се поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и надзорен инженер.
Тие се товарат поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела: „Злоупотреба на службена положба и овластување“ (член 353), „Несовесно работење во службата“ (член 353–в) и „Фалсификување или уништување на деловни книги“ (член 280) од Кривичниот законик.
Кривичните пријави се поднесени против:
Б.Б. (поранешен градоначалник на Општина Сарај)
С.Ш. и Ќ.К. (поранешни секретари во Општина Сарај)
А.С. и Ќ.А. (раководители на сектор за урбанизам во Општина Сарај)
А.Ш. (помлад соработник во Општина Сарај)
И.Б.Ш. (раководител на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје)
Љ.Т. (надзорен инженер)
Како бил извршен криминалот?
Според Финансиската полиција, постојат основи на сомнение дека пријавените лица од Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план (ДУП), ги пречекориле своите службени овластувања.
Тие изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина. Исто така, спротивно на законските прописи, изготвиле и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште.
Дополнително, пријавениот надзорен инженер (Љ.Т.) извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина.
Како што се наведува во пријавата, со овие дејствија, пријавените лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и несовесно вршејќи ги своите должности, му овозможиле на правниот субјект „Азра Идриз“ ДООЕЛ од с. Глумово да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 108.638.840 денари (околу 1,76 милиони евра).