Според последниот инвентар на стакленички гасови во земјава секторот отпад е еден од секторите кој бележи нагорен тренд на емисии на стакленички гасови со учество од дури 6%. Помеѓу сите категории во отпад, најзначајни се емисиите од депониите на цврст отпад кои учествуваат со 77,5% во вкупните емисии во 2016 година. Преку реупотреба и рециклирање на отпадот во домот ние можеме директно да влијаеме на ублажување на климатските промени.
Не ги фрлајте празните кутии за јајца, забавувајте се и правете корисни работи од нив. Покрај тоа што ќе се забавувате со вашите деца, ќе ги научите како да рециклираат и да користат веќе еднаш употребени предмети и амбалажа.
Со предлозите кои ќе ви ги преставиме, вашето дете ќе учи за боите, штедењето на пари и одгледување на растенија. Пуштете го да бои, да лепи и декорира, а вие погрижете се за тоа што треба да се исече со ножици и скалпел.
Направи букет
Украсете ја собата со букет цвеќе. Ќе ви биде потребна една или две кутии со јајца, ножици, темперни или водени боици, четки, колаж, лепак и зелени сламки. Искројте чашка од картонот за јајца и неправилно исечете ги рабовите ,така што да изгледаат повеќе како ливчиња. Дното дупнете го со ножиците, па низ него повлечете го врвот на сламката, а потоа свиткајте го од внатрешната страна и залепете го. Направете мали топчиња од памук или волница и залепете ги во внатрешноста на цвеќето. Со темперни или водени боици обојте го цветот и од внатре и надвор и оставете го да се исуши добро. Цвеќињата ставете или во вазна или врзете ги со машничка во боја и закачете ги во омилен агол во собата.
Играјте со бои
Одделете го капакот од долниот дел од кутијата за јајца, па секоја чашка бојадисувај ја со различна боја и оставете да се исуши добро. Соберете ситни, мали играчки и фигури и распоредете ги по боја. Подоцна можете да се натпреварувате колку фигури можете да ставите во кутијата за една минута.
Направете кутии за ситни пари
Ситните пари што ви останале чувајте ги на едно место, во чашка од јајца која сте ја обоиле во омилената боја на детето. Ставете ја чашката во ходникот, на видно место во кујната или на работната маса, детето брзо ќе добие навика да ги става сите метални парички на кој ќе наиде.
Направете ги како живи разни инсекти
Опремете се со темпера, фломастери и ситни копчиња, па направете пајак, бубамара, гасеница или некоја друга весела бубачка. Направете ги очите од копче или нацртајте ги со фломастер а за нозете користете ја четкичката од старата истрошена маскара која претходно добро сте ја измиле.
Започнете да одгледувате цвеќе
Од чашките за јајца направете мини-саксии, и на секоја со фломастер напишете го името на растението кое ќе го засадете. Купете семе од магдонос, босилек или некој друг зачин, а можете да засадете и мали кактуси. Пополнете ги земја, наредете ги на пластична тацна, натопете ги и вметнете ги семињата. Следете го растот и развојот на вашата мала градина и научете го вашето дете да се грижи за неа и да ја залива.
Украсете го вашиот дом со цветни венчиња
Нацртајте два големи кругови на картон, а потоа кроите прстен и обојте го. Направете цвеќе од чашки за јајца, со тоа што можете да ги оставите цели или да ги засечете на неколку места за да добиете ливчиња. Обојте ги во различни бои и залепете ги на прстенот. Користете го овој венец како декорација, рамка за огледало или фотографија.
Време е да го едуцирате детето за климатски промени, да научи дека треба да тргне од себе и да делува како самото да рециклира. Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ финансиран од Делегација на Европска Унија во земјава, го имплементираат здруженијата Центар за истражување информирање за животна средина ЕКО-СВЕСТ, CNVP –Macedonia и Движењето на екологистите во Македонија – ДЕМ, преку него делуваат за климатските промени во државава.