Пациентите во Македонија покажуваат висока подготвеност за трансплантација на органи, но кај најсложените интервенции, како трансплантацијата на срце, сепак се забележуваат одредени одбивања, изјави Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, во емисијата Ноќно студио на 4ТВ.
Кузмановска истакна дека досега не се соочиле со одбивање од пациенти кога станува збор за трансплантација на бубрег или црн дроб, нагласувајќи дека овие интервенции се прифаќаат со голема надеж и доверба.
„Кога ќе ги повикаме пациентите и ќе им кажеме дека има орган, никогаш не ни одбиле бубрег или црн дроб“, рече таа, додавајќи дека неодамна е извршена и успешна трансплантација на црн дроб, при што пациентите добро закрепнуваат.
Сепак, поинаква е ситуацијата кај трансплантацијата на срце, каде што имало случаи на одбивање од страна на пациентите. Според Кузмановска, тоа е разбирливо со оглед на сериозноста и ризиците поврзани со оваа интервенција.
„Срцето е орган за кој критериумите се најстроги – и за донорот и за примателот. Одлуката да се прифати таква операција е исклучително тешка“, посочи таа.
Таа додаде дека ваквите ситуации се емоционално тешки и за медицинските тимови, особено ако се земе предвид колку ретко се обезбедува донорско срце.
И покрај тоа, Кузмановска потенцира дека кај најголемиот дел од пациентите постои силна желба за живот и позитивен став кон трансплантацијата.
„Пациентите се мотивирани и подготвени – имаат волја за живот и желба да се трансплантираат“, нагласи таа, додавајќи дека токму оваа подготвеност е клучна за понатамошен развој на трансплантациската програма во земјата.
