Листите за трансплантација во Македонија покажуваат дека најголем број пациенти чекаат трансплантација на бубрег, додека расте потребата и за други органи, истакна Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, во емисијата Ноќно студио на 4ТВ .
Според Кузмановска, пациентите на дијализа се најбројни и тие ја сочинуваат најголемата група која чека трансплантација на бубрег. Втора по бројност е листата за трансплантација на срце, на која има околу 30 пациенти, додека за трансплантација на црн дроб се евидентирани околу 14 пациенти.
Таа информираше дека постои и листа за трансплантација на корнеа (очи), на која има околу 20 пациенти, но овие интервенции најчесто се изведуваат како планирани процедури и не зависат од кадаверични донори.
Дополнително, во земјава се вршат и трансплантации на коски и лигаменти, за кои постои посебна банка. Овие трансплантации се реализираат од починати донори, но не функционираат преку класични листи на чекање, туку се вршат според медицинска индикација.
„Кога ќе се појави пациент со потреба и постои соодветен графт, случајот се пријавува и се пристапува кон трансплантација“, објасни Кузмановска.
Таа нагласи дека секоја трансплантација се документира и се спроведува под строг надзор, во координација со националниот систем, што овозможува контролиран и безбеден процес за пациентите.
