Лавров: Русија ја поздравува нормализацијата на односите меѓу Ерменија и Турција

Русија го поздравува процесот на нормализација на ерменско-турските односи. Ова денеска го изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција по разговорите со неговиот ерменски колега Арарат Мирзојан, пренесе ТАСС.

Го поздравуваме процесот на нормализација на ерменско-турските односи, што треба да придонесе и за севкупно подобрување на ситуацијата во регионот, рече Лавров.

Се вчитува...

Мирзојан, пак, рече дека Ереван не ги разгледува конструктивните обиди на Анкара да ги поврзе разговорите меѓу Ерменија и Турција со процесот на нормализирање на односите меѓу Ереван и Баку. Сепак, тој рече дека ги поздравува изјавите на турската страна за подготвеност за отворање на границата.

Со задоволство слушаме изјави од највисокото раководство на Турција дека турските власти се подготвени за нормализирање на односите и воспоставување дипломатски односи со Ерменија, како и за отворање на границата. Од друга страна, иако Турција наведува дека овој процес треба да се одвива без предуслови, редовно гледаме поврзаност меѓу процесот на нормализација на односите меѓу Ерменија и Турција и процесот на нормализација меѓу Ерменија и Азербејџан. Ова не го сметаме за конструктивно, рече Мирзојан.

На 15-ти декември Турција го назначи Сердар Кулач, поранешен амбасадор на земјата во Соединетите држави, за специјален пратеник во дијалогот Анкара-Ереван. Три дена подоцна, Ерменија го назначи својот специјален претставник, заменик-претседателот на ерменскиот парламент Рубен Рубинјан.

Првата средба меѓу Кулач и Рубинјан се одржа на 14 јануари во Москва.

И покрај заедничката граница, Ерменија и Турција немаат дипломатски односи. Во Цирих во 2009 година, министрите за надворешни работи на двете земји потпишаа протоколи за воспоставување дипломатски односи и принципите на нивните односи, но овие документи не беа ратификувани од ниту една земја.