Лекарите апелираат да се вакцинираат децата – „не верувајте на информациите на социјалните мрежи“

Болестите кои се појавуваат како резултат на невакцинирањето се доста тешки и доколку се појават кај малите деца можат да остават последици со тешки компликации, вели педијатарот Мелехате Бектеши. Има родители кои не веруваат во квалитетот на вакцините, па затоа одбиваат да ги вакцинираат нивните деца. Педијатарот Бектеши ги повикува родителите да се консултираат со стручни лица и да не веруваат во информациите кои кружат по социјалните мрежи.

„Има неколку групи родители кои имаат спротивни мислења околу вакцинирањето, и токму тие се оние кои раѓаат сомнеж кај другите родители дали да ги вакцинираат децата или не. Јас пак ќе кажам дека болеста е потешка отколку реакцијата од вакцината. Ги повикуваме сите родители кои не ги вакцинирале своите деца, што поскоро да ги донесат за да ја примат вакцината“, вели Мелехате Бектеши – педијатар.

Се вчитува...

Тема која деновиве стана доста актуелна на социјалните мрежи и која предизвика страв и сомнеж кај родителите е поврзаноста на вакцините со аутизмот. Бектеши ги отфрла ваквите информации, нарекувајќи ги невистинити. Вели дека вакцините немаат никаква врска со аутизмот.

„Имаме разно разни дезинформации на социјалните мрежи против вакцинирањето. Некои вакцината ја поврзуваат со аутизмот. Тоа не е точно. Вакцинирањето нема никаква врска со аутизмот. Аутизмот е сосема нешто друго, друга состојба со поинаква етиологија. Има разни ендогени и егзогени фактори кои го предизвикуваат, но воопшто не е поврзан со вакцината против морбили“, додава Бектеши.

Од Министерството за здравство пак, информираат дека диспанзерите за вакцинирање ќе продолжат да работат во две смени, со цел да можат да се вакцинираат што е можно повеќе деца. По бројните реакции на социјалните мрежи и предупредувањата дека вакцините на Министерството за здравство се со истечен рок на траење, со реакција излегоа и од ресорот на Венко Филипче.

„Информираме дека МРП вакцините со кои се вакцинираат децата не се со истечен рок на траење. Вакцините кои се во употреба имаат рок на траење до јуни 2019 година. Во тек е континуирана набавка на вакцини, за имунизација на населението во Република Македонија за период од јули 2018 до јуни 2020 година, која Министерството за здравство ја реализира секои две години“, велат од Министерството за здравство.

Во споредба со изминативе два дена, денеска има значително намалување на бројот на децата пријавени за вакцинирање. Лекарите велат дека тоа е резултат на разните информации и пропаганди кои кружат по социјалните мрежи. Инаку, вчера беше одржан и протест против одлуката на Владата со која беше забрането невакцинираните деца да одат во градинки и беше предвидено казна за родителите кои нема да ги вакцинираат своите деца. Од Министерството за здравство меѓу другото информираат дека од првиот ден кога објавиле за случаите на децата заразени со морбили, досега биле вакцинирани 1.018 деца. Додаваат дека денеска не е пријавен ниту еден нов случај на морбили.

РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ

Извор: ТВ21