Нова, брзо распространета варијанта на коронавирусот ги вознемири експертите за јавно здравје во Соединетите американски држави, во услови на пораст на случаи низ целата земја.
Лекарите предупредија дека варијантата BA.2.86 – неофицијално наречена „пирол“, може да биде причина за загриженост бидејќи е високо мутирана варијанта на омикрон и предизвика зголемување на случаите во голем број земји, вклучително и САД, пренесува Индипендент.
Според билтенот објавен во четвртокот од „Yale Medicine“, новата варијанта има повеќе од 30 мутации.
„Забележани се голем број мутации. Кога отидовме од омикронската варијанта до ерисот, тоа беше можеби една или две мутации. Но, овие огромни мутации, кои исто така ги видовме од делта до омикрон, се загрижувачки“, рече специјалистот за заразни болести д-р Скот Робертс.
Голем број мутации може да значи дека варијантата може да ги заобиколи имунолошките реакции на телото, предизвикани од инфекција или вакцинација.
„Во моментов, никој не знае, но студиите се во тек“, рече д-р Робертс.
Прелиминарниот извештај од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) за сојот BA.2.86 вели дека во моментов нема докази дека „пирол“ предизвикува потешка болест, смрт или хоспитализација.
Варијантата BA.2.86 е откриена во Данска, Израел, Канада, Шведска, ОК и САД. Таа првпат се појави во САД во август.