Министерот за правда Кренар Лога денеска во изјава за медиумите истакна оти се надева дека Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, релативно брзо ќе биде екстрадиран од Турција во земјава.
Сепак, Лога вели дека е рано да се зборува бидејќи уште не се искористени сите правни лекови.
„Многу е рано да се зборува за што било како што кажавме и пред два дена. Релативно брзо ние очекуваме да биде испратен во Македонија, но треба да видиме дали ќе ги искористи сите правни лекови и дали системот во Турција ќе дозволи тоа да биде на начин како што ние побаравме. Испратени се документи неколку пати – преку ДХЛ, по електронски пат, преку нашето МНР и Амбасадата. Така што, верувам од понеделник натаму сите овие наши барања ќе бидат преземени во натамошната постапка во Турција“, рече Лога.