„МАКЕДОНИЈА Е ГЛАС НА РАЗУМОТ“: Мицкоски со Зеленски во Минхен – Украинскиот претседател се жали на притисок за отстапки

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски оствари средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Додека Мицкоски ја потврди поддршката за „праведен мир“, Зеленски изрази загриженост дека од Украина се бараат премногу отстапки во пресрет на клучните преговори во Женева.

Мицкоски: Мирот мора да се гради врз правда

Во придружба на министрите за одбрана и за надворешни работи, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, премиерот Мицкоски порача дека само мирот базиран на достоинство може да донесе стабилност.

„Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите… Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир“, истакна Мицкоски.

Покрај безбедносните прашања, на средбата се разговарало и за економска размена и продлабочување на соработката меѓу двете земји.

Зеленски под притисок пред Женева

Во меѓувреме, фокусот на Зеленски е насочен кон претстојните трилатерални преговори (Украина, Русија, САД) кои треба да се одржат во Женева на 17 и 18 февруари.

Зеленски призна дека чувствува „мал“ притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој се обидува брзо да протурка мировен договор. Трамп вчера порача дека Зеленски не треба да ја пропушти „можноста“ и го повика „да се активира“.

„Само од Украина се бараат отстапки“

Украинскиот претседател изрази надеж дека преговорите ќе бидат суштински, но не го криеше незадоволството од насоката во која се движат дипломатските притисоци.

„Американците често се враќаат на темата за отстапки и премногу често тие отстапки се дискутираат само во контекст на Украина, а не на Русија“, предупреди Зеленски во својот говор.

Тој ја обвини и Москва дека тактизира и се обидува да ги одложи одлуките преку промена на својот главен преговарач.