Македонската економија забележала реален раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 3,8% во третиот квартал од 2025 година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која истакна дека земјата се наоѓа на трето место по раст на БДП во Европа, веднаш зад Ирска и Данска.
„Растот од 3,8% претставува дополнително забрзување на економската активност, по стапките од 2,9% во првиот и 3,5% во вториот квартал. Ова е еден од највисоките резултати во последните години“, изјави министерката.
Таа посочи дека Македонија има подобри квартални резултати од повеќето земји во регионот: Србија (2,0%), Црна Гора (3,1%), Бугарија (3,1%), Хрватска (2,3%) и Романија (1,2%). Кумулативниот раст на економијата за првите три квартали годинава изнесува 3,4%.
Инвестициите со историски раст од над 30%
Главен двигател на економскиот раст се бруто-инвестициите, кои во третиот квартал се зголемени за значајни 30,6%, што, како што нагласи министерката, претставува еден од најдобрите резултати откако се мери економската активност во земјата.
„Растот на инвестициите е најсилен доказ за високата доверба на инвеститорите во домашната економија. Тоа е резултат на повеќе позитивни трендови: зголемената инвестициона активност на домашните компании, поволните кредитни линии на Владата, како и интензивираната реализација на капитални проекти“, рече Димитриеска-Кочоска.
Како значајни фактори ги наведе и големите државни инфраструктурни зафати, како коридорите 8 и 10, но и поддршката на општините за локални капитални проекти со цел порамномерен регионален развој.
Раст во повеќето сектори
Кон вкупниот раст придонесува и финалната потрошувачка со зголемување од 1,8%. Раст е забележан во повеќе сектори:
- градежништво – 21%,
- услуги – 2,9%,
- информации и комуникации – 7,4%,
- стручни и технички дејности – 6,1%,
- трговија и транспорт – 2,6%,
- индустрија – 1,3%,
- преработувачка индустрија – 2,5%,
- земјоделство – 4%.
Министерката подвлече дека овие резултати укажуваат на стабилен економски раст и широка распределеност на позитивните трендови во повеќе клучни сектори.