Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, предложи набавка на нов или половен државен авион, бидејќи постојниот е стар и не ги задоволува потребите за службени патувања.
„Ако претендираме и сакаме да бидеме сериозна држава, треба да имаме соодветен воздухоплов, а воздухопловот што моментално го имаме, има само шест седишта, непрактичен е за поголеми делегации, често се расипува и поради тоа сметам дека треба да се размислува сериозно за набавка на нов авион, можеби и половен авион, но не постар од две-три години и по тоа прашање треба да се има еден заеднички консензус опозиција-власт“, изјави директорот Томовски синоќа во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Според него, авионот „лирџет 60“ често има дефекти и треба сериозно да се разгледа опцијата за нов, или барем половен авион, за кој би било потребно 15-40 милиони евра.
„Апсолутно се согласувам, обично викаат авионите немаат старост кога се одржуваат редовно, но еве многу често ни се случуваат дефекти. Како што кажав, сега ќе оди на вонреден сервис во Виена, бидејќи од резервоарите протекува гориво, тоа е навистина сериозен проблем. Па, имавме дефект со некои мерни инструменти коишто мерат издувност на гасови, дефект поради којшто компанијата што ни го сервисира не дозволува летање, па претседателот на Собрание беше принуден да се враќа во Македонија со редовни летови и други проблеми коишто произлегуваат од ова одржување“, вели Томовски.