МАКЕДОНИЈА СТАРЕЕ И СЕ ПРАЗНИ: Живееме подолго, но „белата чума“ избриша над 4.000 жители лани

Македонците живеат подолго, но нацијата продолжува да се намалува. Најновиот „Статистички годишник 2025“ на Државниот завод за статистика открива парадоксална слика: очекуваниот животен век се зголемил за една година, но бројот на родени деца драстично опаѓа, оставајќи ја земјата со минус од над 4.000 жители само во 2024 година.

​Ова е шеста година по ред како земјата бележи негативен природен прираст, тренд кој започна во 2019 година и не покажува знаци на запирање.

Се вчитува...

​Жените живеат четири и пол години подолго од мажите

​Добрата вест во статистиката е зголемувањето на животниот век. Просечниот очекуван животен век сега изнесува 76,63 години, што е скок од една година во споредба со 2023 (75,32).

  • Жени: Просечно живеат 78,86 години.
  • Мажи: Просечно живеат 74,48 години.

​Алармантни бројки: 700 бебиња помалку за една година

​„Белата чума“ и понатаму зема замав. Во 2024 година:

  • ​Родени се 16.061 деца (пад од речиси 700 деца во споредба со 2023).
  • ​Починале 20.201 лице.
  • ​Минус во населението: -4.140 жители.

​Колку е драматичен падот покажува споредбата со 2016 година, кога имало 23.002 живородени деца.

​Демографска карта: Скопје во плус, Истокот се празни

​Единствениот регион во државата што се уште се „држи“ во позитива е Скопскиот регион. Сите останати се во длабок минус.

Најкритично е во Пелагонискиот, Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион, каде негативниот прираст е двојно поголем од државниот просек.

Каде се раѓаат најмногу деца? (на 1.000 жители)

  1. ​Арачиново (+10,5)
  2. ​Студеничани (+9,7)
  3. ​Сарај (+8,4)
  4. ​Липково (+6,2)
  5. ​Чаир (+5,5)

Каде населението најбрзо исчезнува?

  1. ​Ново Село (-14,8)
  2. ​Новаци (-13,7)
  3. ​Старо Нагоричане (-13,6)
  4. ​Кратово (-12,8)

​Дури и во Скопје сликата не е униформна. Додека Сарај и Чаир растат, градските општини Кисела Вода (-4,2) и Карпош (-3,9) бележат негативен прираст.

​Помалку свадби, повеќе разводи

​Статистиката бележи промени и во брачниот живот на граѓаните. Лани бројот на склучени бракови се намалил за 1.600, додека бројот на разводи се зголемил за 259.

Најмногу бракови „пукаат“ во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион, каде има над 200 разводи на 1.000 склучени бракови.