Македонија тагува за Панчо – урбаниот глас на една генерација

Македонската музичка сцена денес остана без еден од своите најпрепознатливи и највлијателни артисти – Владимир Блажев, познат како Панчо од групата ДНК, почина по долгата и тешка борба со последиците од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Панчо беше роден на 29 јули 1979 година во Скопје, а повеќе од две децении беше дел од музичкиот дуо ДНК, кое го основа заедно со својот пријател и колега Андреја Ѓорѓиески – Андреј во 2001 година.

Со песните „Благодарам однапред“, „Полна месечина“, „Пази се од мене“, „Таа тоа го крие“, „Авион“, „Ако утре ме нема“ и многу други, ДНК оставија длабок белег во современата македонска поп и R&B музика.

Неговиот сценски партнер Андреј трагично го загуби животот на 16 март годинава, во пожарот што избувна во ноќниот клуб во Кочани, кога загинаа и неколку други членови на бендот.

Панчо беше единствениот преживеан член, но со тешки изгореници и сериозни последици по здравјето.

Во текот на својата кариера, Панчо не беше само пејач – тој беше диџеј, продуцент, промотор и креатор на урбаниот звук кој го дефинираше едно време. Преку својата агенција Sure Shotz Entertainment, донесе во Македонија бројни балкански и светски R&B изведувачи, а зад себе остави голем број млади музичари на кои им помогна да ја започнат својата кариера.

Со заминувањето на Панчо, Македонија изгуби уметник, визионер и симбол на урбаната генерација. Неговата музика, енергија и пораки ќе продолжат да живеат меѓу генерациите кои пораснаа со песните на ДНК.